Многу бизниси имаат веб страна. Ја направиле пред неколку години. Платиле за неа. Ставиле основни информации, неколку слики, услуги, контакт форма и можеби некој блог текст. Линкот стои на Facebook, Instagram, визит-картичка, email потпис или Google Business профил.
И потоа веб страната останала така, таму некаде, на домејнот. Да стои.
На прв поглед, тоа изгледа сосема нормално. „Имаме веб страна.“ „Кога ќе треба, ќе ја пратиме.“ „Нека стои, не ни смета.“ Но во дигиталниот бизнис, ова размислување е скапа грешка. Многу често, многу скапа грешка.
Веб страна што „само така стои“ не е бизнис алатка, туку е пропуштена можност за раст на бизнисот. А понекогаш и ризик.
Веб страната не е украс
Една веб страна не треба да постои само затоа што „денес сите имаат сајт“. Нејзината улога не е само да покаже дека бизнисот постои. Тоа можеби било доволно пред 15-20 години. Денес, не е.
Денес веб страната треба да има функција.
- Да создава доверба.
- Да ја објаснува понудата.
- Да го претстави бизнисот професионално.
- Да донесе контакт.
- Да генерира побарувања.
- Да поддржи продажба.
- Да работи заедно со социјалните мрежи и рекламите.
- Да биде сигурна основа за дигитален раст.
Ако веб страната не прави ништо од ова, тогаш таа не е активен дел од бизнисот. Таа е дигитален излог со спуштени ролетни. И – подобро да ја нема.
„Ја имам“ не значи „ми работи“
Ова е една од најважните разлики. Да имате веб страна не значи дека таа ви носи резултат и сте си ја завршиле „домашната“ за онлајн присуството на својот бизнис.
Исто како што да имате продавница не значи дека таа продава. Да имате телефон не значи дека клиентите ви се јавуваат. Да имате Facebook страница не значи дека комуникацијата е добра.
Постоењето не е исто што и резултат. И кога веќе постои, па нека носи нови клиенти, подобар имиџи, поголема доверба. Нека е супер извор за пребарувачи, па да Ве најдат полесно. Нека е точката каде купувачот директно ќе нарача услуга или производ. И кога е веќе активна – мора да е поврзана со реалната понуда на бизнисот.
Затоа вистинското прашање не е: „Дали имам веб страна?“
Туку: „Дали мојата веб страна работи за мојот бизнис?“
Запрашајте се!
Што ве чини запуштената веб страна?
Најопасното кај лошата или запуштена веб страна е тоа што штетата не секогаш се гледа директно. Никој нема да ви прати известување: „Денес изгубивте три потенцијални клиенти затоа што сајтот изгледаше несигурно.“ Нема да добиете порака: „Клиентот сакаше да праша, но контакт формата не испрати email.“ Нема да знаете дека некој ја отворил веб страната, почекал премногу долго и си заминал. Нема да знаете дека потенцијален клиент ве споредил со конкурент и го избрал другиот затоа што неговата веб страна изгледала посериозно.
Ова се тивки загуби. А токму тие се најскапи.
Ок, ќе се задлабоичите во аналитика со Google Analatyics можеби и ќе прокопате податоци за да извлечете заклучоци. Но, често тоа е изгубено време. Зошто? Па од авион се гледа дека вашата веб страна не е исто што и вашиот бизнис.
Бидејќи бизнисот често мисли дека нема проблем. Сајтот постои. Се отвора. Сè изгледа „доволно добро“. А реално, веб страната секој ден придонесува во спротивното од се’ што бизнисот очекува од неа.
Застарена веб страна создава сомнеж
Посетителот денес многу брзо формира впечаток. Социјалните мрежи не научија на помал дел од секунди да заклучиме, и да одлучиме – продолжуваме натаму или застануваме. Ако веб страната изгледа стара, нејасна или технички запуштена, тој може да се запраша:
- Дали оваа фирма е активна?
- Дали информациите се точни?
- Дали услугите се уште важат?
- Дали некој се грижи за ова?
- Дали можам да им верувам?
- Дали конкурентот изгледа посигурно?
Можеби вашиот бизнис е одличен. Можеби работите сериозно. Можеби имате искуство, резултати и задоволни клиенти. Но ако веб страната тоа не го покажува, потенцијалниот клиент не ја знае вашата силна страна и тековните перформанси. Тој суди според она што го гледа. А она што го гледа е вашиот дигитален прв впечаток.
Неажуриран сајт е технички ризик
Особено кај WordPress, „нека стои“ може да биде ризично. WordPress сајтот не е статична слика. Тој е систем составен од повеќе делови: WordPress core, тема, додатоци, база, форми, scripts, безбедносни поставки, кеширање, SEO plugin, backup систем и hosting околина. Ако тоа не се одржува, ризикот расте.
- Додатоците застаруваат.
- Темата може да стане некомпатибилна.
- Безбедносни дупки остануваат отворени.
- Backup-от можеби не постои или не работи.
- Формите може да престанат да испраќаат пораки.
- Сајтот може да стане бавен.
- SEO структурата може да се распадне.
- Некој мал конфликт може да направи голем проблем.
- Хостот се надградил, а се е „заборавено“ и отворено за безбедносни ризици и слаби перформанси.
Затоа „нека стои“ не е посакуваната состојба, најмалку посакувано статус кво. Кај WordPress, тоа често значи: „нека старее“. А стареењето на веб страната има цена.
Веб страната треба да се развива со бизнисот
Бизнисот не стои во место. Се менуваат услугите. Се менуваат цените. Се менуваат клиентите. Се менуваат пазарот, конкуренцијата, навиките и каналите за комуникација. Ако веб страната остане иста со години, таа полека престанува да го претставува вистинскиот бизнис.
Можеби денес имате подобра понуда од онаа што е прикажана на сајтот. Можеби имате нови услуги што воопшто не се објаснети. Можеби имате подобри клиенти, но веб страната сè уште изгледа како за почетна фаза. Можеби имате нова стратегија, а сајтот комуницира стара порака. Можеби продуцирате и објавувате врвна видео содржина на вашите социјални мрежи – но сето тоа го множите со нула кога вашата веб страна „е тапа“. Таква веб страна ве влече назад. Наместо да го поддржи растот, таа го намалува впечатокот.
„Кога ќе треба, ќе ја средиме“ најчесто е предоцна
Многу бизниси го одложуваат средувањето на веб страната додека не се појави проблем. Но кога проблемот ќе се појави, тогаш најчесто се брза. Најчесто ги среќаваме следните ситуации:
- Формата не работи баш кога почнува кампањата.
- Сајтот паѓа кога има повеќе посети.
- Checkout-от прави проблем кога треба да се продава.
- Промоцијата оди, но landing страницата не е подготвена.
- Клиентот бара информации, но сајтот е нејасен.
- Се отвора можност за соработка, но веб страната не изгледа сериозно.
Тогаш бизнисот сфаќа дека веб страната требало порано да се среди. Добрата веб страна не се прави во паника. Таа се гради, одржува и подобрува навреме.
Веб страната треба да работи и кога вие не работите
Ова е суштината. Вашата веб страна треба да биде активен дел од вашиот бизнис. Треба да работи кога не сте во канцеларија, кога не одговарате на пораки, кога не сте на состанок, кога не објавувате на социјални мрежи. Таа треба да објаснува, да гради доверба и да води кон следен чекор.
- Ако некој ја отвори во 23:00 часот, треба да разбере што нудите.
- Ако ја отвори од мобилен, треба лесно да најде контакт.
- Ако дојде од Facebook реклама, треба да го продолжи интересот.
- Ако дојде од Google, треба да добие јасен одговор.
- Ако ве споредува со конкурент, треба да има причина да ве избере вас.
Тоа е веб страна што работи. Сè друго е само присуство, неретко безвредно.
Што треба да направите ако сајтот „само стои“?
Првиот чекор не мора да биде целосно нов сајт. Прво треба да се направи проценка на веб страната која ви е сега активна.
- Дали веб страната е брза?
- Дали е безбедна?
- Дали е ажурирана?
- Дали контакт формите работат?
- Дали добро изгледа на мобилен?
- Дали понудата е јасна?
- Дали има повици за акција?
- Дали има SEO основа?
- Дали ја претставува реалната вредност на бизнисот?
- Дали носи резултат?
Одговорите на овие прашања ќе покажат што е најпаметно: одржување, редизајн, оптимизација, нова landing страница, SEO структура или целосно нова веб страна.
Важно е да не се претпоставува. Важно е да се провери.
Наша препорака
„Ја имам веб страната, нека стои“ звучи безопасно. Но во реалноста, тоа може да биде една од поскапите дигитални грешки на бизнисот. Затоа што веб страната што само стои не создава доверба, не носи доволно контакти, не ја поддржува продажбата и не го претставува бизнисот како што треба. Уште полошо, може да стане технички ризик.
Веб страната не треба само да постои. Таа треба да работи.
- Да биде брза.
- Да биде јасна.
- Да биде сигурна.
- Да биде актуелна.
- Да биде поврзана со вашата понуда.
- Да го води посетителот кон следен чекор.
Ако не го прави тоа, тогаш не е време да „стои“. Време е да се провери.
Имате веб страна што одамна само стои?
Пратете ни го линкот. Ќе ја разгледаме и ќе ви кажеме што е најпаметниот следен чекор: одржување, редизајн, SEO, оптимизација, landing страница или целосно нова структура.